Дописници Диме Спасов апелира да се ангажираат лиценцирани дадилки

Диме Спасов апелира да се ангажираат лиценцирани дадилки

По случајот со скопската дадилка, која доби притвор за малтретирање деветмесечно бебе, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, апелираше населението да ангажира само лиценцирани дадилки, што е предвидено во рамките на Законот за детска заштита. Според него, во општинските градинки негувателките се лиценцирани, но треба и сите други што чуваат деца во приватни домови, да ја извадат потребната лиценца.

– Самиот закон предвидува постапка за што работат со деца да се лиценцираат. Во процесот на лиценцирање, се проценува стручното знаење на апликантот, се проверува подобноста, дали е психофизички здрав, дали ја познава проблематиката, дали е осудуван за одредено кривично дело, за семејно насилство. Би сакал да апелирам тие што ги чуваат децата да се лиценцираат. Сепак ќе истакнам дека останува на родителите да одлучат дали ќе побараат од дадилката да извади лиценца ако ја нема – изјави министерот Спасов.

Тој не сакаше повеќе да го коментира случајот со дадилката, истакнувајќи дека е за секаква осуда, за што ќе следи кривично гонење.

Попладнево тој присуствуваше на отворање на приватна детска градинка, во рамки на „Вилсон колеџ“ во близина на Брвеница.