Македонија ДИК го донесе календарот за изборите

ДИК го донесе календарот за изборите

Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашната седница го усвои роковникот за извршување на изборните дејства, откако ја доби одлуката за распишување предвремени парламентарни избори на 11 декември.

Во документот се наведува дека избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28 октомври, а увидот ќе заврши на 11 ноември. ДИК на 1 декември треба да ги потпише изводите од избирачкиот список.

За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на избирачкиот список.

Пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство може да почне денеска зашто ДИК има подготвено посебна апликација. Пријавувањето и на овие граѓани ќе трае исто така до 11 ноември.

Од ДИК соопштија дека политичките партии и независните кандидати треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Комисијата најдоцна до 11 ноември на полноќ. Ждрепката за редоследот треба да се одржи на 20 ноември, по што од следниот ден почнува изборната кампања, која ќе трае до 9 декември.

Членовите на ДИК на вчерашната седница усвоија барање што ќе биде доставено до Министерството за внатрешни работи за доставување податоци за граѓаните.