Главна секција ДИК досега отфрли два приговори на СДСМ за неправилности при гласање

ДИК досега отфрли два приговори на СДСМ за неправилности при гласање

Државната изборна комисија ги отфрли приговорите на СДСМ за избирачките места 2.010 и 2.025 кои се во шестата изборна единица во општина Теарце.

Приговорите за овие избирачки места се однесуваат на преправани записници, како и на несовпаѓање на бројките на гласачите со распределбата на гласовите.

Членот на ДИК од СДСМ, Игор Милев, истакна дека записникот во избирачкото место 2.025 е невалиден.

– Барам да ги изброиме гласачките ливчиња на ова избирачко место, односно да го ставиме на увид изборниот материјал. На ова избирачко место, како и во претходното 2.010, станува збор за преправани записници со потпис и со печат на претседател на избирачки одбор. Потребно е само да се констатира увид во изборниот материјал, бидејќи ќе остави дамка во изборниот процес  – истакна Милев.

Додека трае седницата, пред зградата на ДИК има насобрано граѓани кои извикуваат „Македонија“, „лопови“, се слушаат сирени, а има и присуство на полиција.

СДСМ до ДИК достави осум приговори за текот на гласањето и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември.