Македонија Џафери: Се наоѓаме пред историски момент од кој ќе зависи нашата иднина

Џафери: Се наоѓаме пред историски момент од кој ќе зависи нашата иднина

Сите ние, и како граѓани, а и како политичари, сме пред еден историски момент, момент од кој зависи нашата сегашност, меѓутоа ќе зависи и нашата иднина, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во обраќањето на денешната Конференција на тема „НАТО интеграцијата – предуслов за безбедност и развој“.

– Не треба да потсетувам дека пред дваесет и седум години, кога на референдум граѓаните се определија за самостојна Република Македонија, пратениците од првиот состав таа определба ја преточија во уставно правна рамка и тогаш беа утврдени и стратешките цели на нашата држава, а тоа се целосна интеграција во НАТО и ЕУ – рече Џафери.

И сега, потенцира, тој историски момент е навистина пред нас. На крајот на месецот, посочи, граѓаните на референдум ќе треба да решат дали го прифаќаат Договорот од Преспа, зад кој застанаа Владите на Република Македонија и Република Грција.

– Јас сум убеден дека овој Договор ќе биде прифатен од граѓаните, затоа што знаат дека со тоа ќе ни се отворат вратите за полноправно членство во НАТО сојузот и ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Затоа, и како политичар, и како граѓанин, верувам дека со мнозинско ЗА на референдумот на 30-ти септември, ќе потврдиме дека како граѓани и како држава цивилизациски припаѓаме на Европа и ги прифаќаме и споделуваме европските вредности. Убеден сум дека мнозинството граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, се свесни дека преку целосна интеграција во НАТО и ЕУ, обезбедуваме стабилна сегашност, безбедност и многу поперспективна иднина – вели Џафери.

Говорејќи за членството во Алијансата, тој појасни дека членство во колективните безбедносни системи како што е НАТО, подразбира голема одговорност и активен придонес во зачувување на мирот и безбедноста, не само дома, туку и на глобално ниво.