Македонија Џафери ја известил ДИК за распишувањето на локалните избори

Џафери ја известил ДИК за распишувањето на локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека е известена за потпишаното решение за распишување на локалните избори од страна на претседателот на Собранието и дека очекува документот да биде доставен и да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија“.

„По објавувањето на актот за распишување на локалните избори во „Службен весник на Република Македонија“, Државната изборна комисија ќе одржи седница на која ќе биде усвоен календар – роковник со кој ќе бидат утврдени изборните активности и роковите за нивно спроведување, по што ќе почне спроведувањето на локалните избори“, соопшти ДИК и додаде дека навремено ќе информира за преземање на сите активности за организирање и за спроведување на изборите.

Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, денеска точно напладне го потпиша решението за распишување на локалните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври.