Дописници Девет дена се трага по директорот на Здравствениот дом во Охрид

Девет дена се трага по директорот на Здравствениот дом во Охрид

Изминува деветтиот ден од потрагата по директорот на Здравствениот дом во Охрид, М.Д., којшто е осомничен за финансиски криминал тежок повеќе од 7,5 милиони денари. Тој е сè уште е во бегство, а од полицијата нема информации дека му е влезено во трага. И понатаму, претпоставките се дека се крие во земјата. Дознаваме и дека на денот кога се реализирала акцијата за притворање на осомничените, директорот не бил на своето работно место.

Против него и против двајца негови блиски соработници, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава поради проневера во службата, поттикнување, помагање и фалсификување или уништување на деловни книги. Тие се товарат дека кривичните дела ги извршиле во периодот од 2010 до 2014 година.

Двајца од пријавените се во притвор, додека по првопријавениот е распишана потерница. Од Секторот за внатрешни работи во Охрид само додават дека интензивно се работи на случајот и на пронаоѓање на осомничениот лекар-директор.

По спроведената детална истрага, Управата за финансиска полиција утврди дека во периодот 2010-2014 година во Здравствениот дом во Охрид се проневерени вкупно 7.565.302,00 денари, износ за кој ќе одговараат трите пријавени лица.