Македонија Денеска трета средба меѓу МОН и „Средношколски пленум“

Денеска трета средба меѓу МОН и „Средношколски пленум“

По 17 дена бојкот на наставата, „Средношколски пленум“ денеска има трета средба со претставници на Министерството за образование и наука. Вчера преговорите завршија без конкретен договор меѓу двете страни, но средношколците се оптимисти и веруваат дека ќе наидат на разбирање од Министерството за образование и наука. Во меѓувреме, тие велат дека бојкотот на наставата и „Средношколски фронт“ во Паркот на новинари ќе продолжи.

– Очекуваме во најбрз можен рок да постигнеме компромис со кој ќе бидат задоволени двете страни. Се обидуваме да постигнеме некој резултат што најмногу ќе нè задоволи нас учениците. Ќе се преземат пошироки дискусии во однос на матурата и на есктерното тестирање. Спремни сме да го вратиме стариот концепт на државна матура и спремни сме да направиме суштински промени во однос на екстерното тестирање – рече Дејан Рајковски.

Од „Средношколски пленум“ велат дека во „Средношколскиот фронт“ потребни им се тенди, шатори, наметки, мушами, ќебиња, како и готови печива, леб, овошје, кафе, млеко, кеси за ѓубре, плински боци и пластични чинии.