Ctrl - Z Денеска матурантите го полагаат вториот екстерен испит од државната матура

Денеска матурантите го полагаат вториот екстерен испит од државната матура

Државната матура кај нас се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа

Од полагањето државна матура во гимназијата „Орце Николов“. Фото: Мета.мк

Матурантите во Македонија денеска го полагаат вториот екстерен испит, кој е задолжителен во рамките на државната матура. Учениците имаа можност да бираат меѓу еден странски јазик и математика. Најбројни се пријавените за полагање англиски јазик – 13.198 матуранти, а математика денеска полагаат 1.356 ученици.

Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Токму поради тоа, од годинава испитот се полага во холови и во сали, за да биде процесот пообјективен и за да се намали препишувањето.

Минатата година, ако ученик беше „фатен“ со препишан дел од есејот по мајчин јазик на државната матура, есејот беше бодуван со 0 поени. Но, годинава има ново правило, согласно кое ако се утврди препис во есејот, целиот испит да биде поништен.

Прелиминарни резултати од државната матура ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.

Правилото налага во текот на полагањето во тие 3 часа, да нема пауза. Има можност ученикот да излезе и да се врати, до тоалет, со придружба на тестатор.

Државната матура кај нас се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа.