Македонија Денешната акција, четврта според бројот на уапсени во оваа деценија

Денешната акција, четврта според бројот на уапсени во оваа деценија

Случајот за насилствата во Собранието од 27 април годинава е еден од четирите во изминатите 10 години во кои беа осомничени и уапсени најголем број лица.

Обвинителството за организиран криминал и за корупција денеска соопшти дека отворило истражна постапка за вкупно 36 лица, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста, кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години.

Инаку, убедливо најголем број на осомничени – вкупно 86, беа уапсени во акцијата на МВР, со кодно име „Калдрма“, пред шест години.

Денешната акција за 27 април е четврта по масовност, зад „Змиско око“ и „Диво Насеље“, но прва помасовна од доаѓањето на власт на СДСМ.

Листата на најмасовни истраги и апсења изгледа вака:

  • „Калдрма“86 уапсени, инкасатори на „Македонија пат“, осомничени дека за наплата на патараните издавале фалсификувани фискални сметки, а парите си ги ставале в џеб. Тие се товареа дека го оштетиле буџетот на државата за два милиони евра. „Калдрма“ заврши со правоосилна пресуда, според која вкупно 86 обвинети беа осудени на близу три и пол века затвор;
  • „Змиско око“ – 72 уапсени, вработени на наплатените рампи, за проневера на милиони евра со тоа што на патниците им наплаќале половина од цената, а дел од парите ги присвојувале за себе. Овој случај од 2007 година беше првата од поголемите полициски акции на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, по доаѓањето на власт на оваа партија во 2006 година, на чело со Никола Груевски. Сепак, случајот не заврши славно и неколкупати беше враќан на повторно судење;
  • Диво Насеље“ – 38 уапсени за настаните во кумановско Диво Насеље, од 9 и 10 мај 2015 година. За тероризам и за терористичка ораганизација, со првостепена пресуда, годинава беа осудени 34 обвинети, од кои осуммина добија доживотни затворски казни, а другите долгогодишни затворски казни;
  • „27 април“ – за 36 лица е поведена истражна постапкаи тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста, во врска со насилствата во Собранието од 27 април 2017 година.

Во изминатите 10 години, поголем број лица беа уапсени и во акциите „Детонатор“ – вкупно 23 и „Змиско око 2“ – вкупно 25.

Истрагата за насилствата од 27 април ја води обвинителката Вилма Русковска, а таа ги водеше и предметите „Диво Насеље“, „Змиско око“ и „Детонатор“.