Македонија Денеска треба да почне процедурата за одземање на мандатите на пратениците од...

Денеска треба да почне процедурата за одземање на мандатите на пратениците од СДСМ

Седницата на која би се гласало за одземањето на мандатите би се одржала на крајот на овој или пак на почетокот на идниот месец

Денеска истекува рокот од шест месеци откако беа верификувани мандатите на опозициската коалиција на чело со СДСМ, но 31 пратеник, од вкупно 34 освоени, ниту еднаш не седнаа во собраниските клупи.

Според собраниската процедура, Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието, на денешната координација на пратенички групи ќе побара од генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски, да направи список за присуство на сите 123 пратеници.

По ова, претседателот Вељаноски треба да ги достави листите до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која треба да му предложи на Собранието да расправа и да гласа за одземање на мандатите на оние пратеници кои ниту еднаш не се појавиле на седница или, пак, да ги констатира оставките на пратениците.

Седницата на која би се гласало за одземањето на мандатите би се одржала на крајот на овој или, пак, на почетокот на идниот месец, а одлуката треба да се донесе со двотретинско мнозинство.