Дописници Демографите апелираат на итно основање институт за население и за миграции

Демографите апелираат на итно основање институт за население и за миграции

Кризата со бегалците е силен аларм за конечно основање институт за население и за миграции во Република Македонија, предупредува демографот Никола Димитровски.

– Со оглед на алармантноста и воедно чувствителноста на ситуацијата со бегалците, во која се наоѓа нашата земја, потребно е Владата да формира институт во кој на научна основа ќе се направат детални анализи за движењето на населението, реперкусиите и за процените за миграции во наредните години – вели демографот Димитровски.

Вакви институти со децении наназад функционират во дел од поранешните југословенски земји, но не и во Македонија.

Професерот Димитровски вели дека уште пред седум-осум години ваквата идеја ја доставиле до Владата, но досега нема повратен одговор.

– Движењето на населението мора да се испитува на научна основа. Не смееме да ја оставиме работата без корен и затоа ваков институт е повеќе од потребен. Во години кога нема попис на населението, ваков институт би ги следел состојбите и би давал научно мислење и препораки за сите сценарија со миграциите. Со оглед на тоа дека демографската слика на државата се менува од ден на ден, мора да имаме планови за иднина и тоа на научна основа – вели Димитровски, професор на штипскиот универзитет.

Бегалската криза во која западна и Македонија, според него, мора да се опсервира истовремено и од демографски, политички и од економски аспект.

А.Б.