Македонија Делегација на Собранието ќе учествува на интерпарламентарна конференција во Брисел

Делегација на Собранието ќе учествува на интерпарламентарна конференција во Брисел

Делегација на Собранието на Република Македонија ќе учествува на интерпарламентарна конференција што денеска и утре ќе се одржи во Брисел, на тема „ЕУ законодавен процес – од законодавна иницијатива до имплементација и мониторинг“.

Конференцијата, како што соопштуваат од Собранието, е во рамките на програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и од Турција, а ја организира Европскиот парламент.

Македонската делегација ќе ја претставуваат пратениците Бетиан Китев од СДСМ, Шпреса Хадри од ДУИ, Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ и Африм Гаши од Беса.

Во фокусот на конференцијата ќе биде законодавниот процес на Европската Унија, со акцент на улогата на парламентарните комисии како алатки за зајакнување на надзорната улога на законодавната власт наспроти извршната власт, а ќе се разгледуваат и најдобрите законодавни практики на Европскиот парламент и можноста и начините за нивна примена во националните парламенти.

„На претстојната интерпарламентарна конференција се очекува учество на европратеници и членови на различни комисии во рамките на Европскиот парламент, како и учество на претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и на Турција, за да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен“, стои во соопштението на Собранието за конференцијата.