Забава Дејвид Гета на 5 јуни во Скопје

Дејвид Гета на 5 јуни во Скопје

Еден од најактуелните диџеи во последните неколку години, Дејвид Гета, на 5 јуни ќе гостува пред македонската публика, а шоуто ќе се одржи на арената „Филип Втори“, соопштија денеска од „Авалон продукција“, која е организатор на настанот.

„Под франшизата „Скопје колинг“ (Skopje Calling), со невидена светска продукција, спектакуларно шоу ќе одржи една од најголемите глобални ѕвезди на денешницата, Дејвид Гета (David Guetta). Пред Гета како специјален гостин ќе настапи Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последниве неколку месеци на сите светски радиостаници. Тој во Скопје ќе изведе 90-минутен сет со најголемите денс-хитови, со кои ги освои светските топ-листи, водечките фестивали и клубови во светот“, велат од „Авалон продукција“.

Од „Авалон“ најавуваат дека „Скопје колинг 2016“ ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот „Филип Втори“ ќе биде со полн капацитет, а шоуто ќе почне со настап на локални диџеи и на новата француска диџеј-ѕвезда Кангс (Kungs).

„Поради тоа што ова е прво промотивно издание на брендот „Скопје колинг“, „Авалон проукција“ се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл“, вели организаторот.