Култура „Дефрагментација“ – нова изложба со дела од колекцијата на МСУ

„Дефрагментација“ – нова изложба со дела од колекцијата на МСУ

На изложбата која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа

Фото: Музеј на современа уметност

Во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

Отворањето ќе биде на 13 јуни, во 20 часот, а ќе бидат изложени вкупно 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 година.

На оваа изложба која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска.

„После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици“, велат кураторите.

Изложбата е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во Република Северна Македонија.