Свет Европа Де Мезиер: Турција глуми жртва во пресрет на референдумот

Де Мезиер: Турција глуми жртва во пресрет на референдумот

Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, оцени дека Анкара „глуми жртва“ со своите напади на НАТО-сојузниците и оти се обидува да поттикне поддршка кај гласачите во пресрет на референдумот.

– Ставовите на Турција се апсурдни, немаат основа и единствена цел им е да ја претстават Турција како жртва за да се добие солидарност од гласачите – рече Де Мезиер.

Истовремено, тој апелираше граѓаните од турско потекло да не ги поддржат ставовите на Турција.

– Нема да толерираме ако претставници на други земји се обидуваат да ги свртат луѓето против земјата во која живеат веќе со години или од раѓање, каде работат, одат на училиште, раѓаат деца, каде им е домот – рече Де Мезиер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел „поддржува терористи“.

Тензијата меѓу Германија и Турција се зголеми во последно време затоа што официјален Берлин им забрани на турските министри да говорат на политички собири во таа земја.