Македонија Даниелсон: Политичка одговорност за да се врати довербата во институциите

Даниелсон: Политичка одговорност за да се врати довербата во институциите

Кристијан Даниелсон, генералниот директор за проширување во Европската комисија, во интервју за интернет-мрежата „Еуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) изрази загриженост за вооружениот напад во Куманово и рече дека случајот мора да се истражи за да не дојде до меѓуетнички тензии во земјата.

– Многу сум загрижен за тоа што се случи во Куманово. ЕУ ја осуди секоја форма на насилство и сакам да им изразам длабоко сочувство на семејствата на лицата што ги загубија животите – вели Даниелсон во интервјуто.

Тој истовремено порача да не се оттргнува вниманието од сериозната политичка криза во Македонија и партиите да се ангажираат во конструктивен политички дијалог. Даниелсон смета дека треба да има политичка одговорност за да може да се врати довербата во институциите, а сите тврдења за можни потенцијални нерегуларности, според него, треба независно и транспарентно да се истражат.