Македонија Даниел Дончевски по петти пат го фати крстот во Скопје

Даниел Дончевски по петти пат го фати крстот во Скопје

Даниел Дончевски од скопската населба Маџари го фати Светиот крст што во осветените води на реката Вардар во Скопје го положи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан од мостот „Слобода“.

На денешната манифестација во Скопје, по крстот во реката Вардар скокаа 150 верници. Најсреќниот меѓу нив, Дончевски по петти пат го фаќа крстот во водите на Вардар.

– Го фаќам крстот по петти пат и сфаќам дека ова не е случајно. Крстот го фаќам секоја парна година и секогаш ми носи среќа – изјави Дончевски, кој им посаката здравје и среќа на сите православни верници.

Тој наградата и ја посвети на деветгодишната Биле Пешевска од Кратово, која се бори со тешка болест.

Пред положувањето на Светиот крст во водите на Вардар, г.г. Стефан пред присутните граѓани порача дека верските празници треба да не потсетат како живееме и како постапуваме кон себе и кон другите, да ги измијат сите лоши мисли и да донесат духовно освежување.

– Не е доволно да бидеме само крстени, туку е потребно и да живееме според учењето и заповедите на христовата вера. Не по името, туку по делата да бидеме вистински христијани – порача поглаварот на Македонската православна црква.