Македонија Даниел Дончевски го фати крстот во Скопје

Даниел Дончевски го фати крстот во Скопје

Дваесет и шестгодишниот Даниел Дончевски од скопската населба Ченто денеска во Скопје четврти пат го фати крстот, кој од мостот Слобода во реката Вардар го фрли поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Дончевски досега осумпати се фрлал по крстот, но денеска беше најбрз меѓу 110 учесници.

– На сите христијани нека им е честит големиот празник Богојавление – Водици. Додека ќе можам ќе ги празнувам нашите празници, христијански и со многу љубов. Крстот е со мене и со сите вас. Бидете живи и здрави – рече Дончевски по фаќањето на крстот.

Пред фрлањето на светиот крст, поглаварот г.г. Стефан рече дека во ова време на искушенија, омрази и на непријателства, секому му е потребно преображение, и како личности и народи.

На централната манифестација присуствуваше новиот премиер на техничката влада, Емил Димитриев, и скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Димитриев на Дончевски му подари телевизор, додека градоначалникот на Скопје му даде златник со ликот на свети Климент и икона.