Македонија ЛДП бара да се засилат активностите за чистење на снегот по патиштата

ЛДП бара да се засилат активностите за чистење на снегот по патиштата

Либерално-демократската партија денеска побара засилени активности на надлежните институции за подобрување на состојбите на патиштата.

„И покрај тоа што лошата временска состојба, односно снежните врнежи и ниската темература беа најавени десетина дена порано, голем дел од патиштата долго време беа непроодни. Големи застои и тешкотии во одвивање на сообраќајот имаше и на меѓународните патни правци на Коридорот 10 и на Коридорот 8 и тоа во услови на снежна покривка од десет сантиметри и повеќе. Дел од патиштата во државата се сè уште непроодни, а забраната за движење на речиси сите патни правци за товарните возила е присутна веќе трет ден. Очигледно е дека и покрај предупредувањата, надлежните институции не реагираа навремено и соодветно во справувањето со временските состојби кои се сосема очекувани за овој период од годината“, се вели во соопштението од партијата.

ЛПД ги повикува сите надлежни институции да ги интензивираат своите активности и да ангажираат дополнителна работна сила и механизација за да се нормализира состојбата на сите патни правци во државата. Партијата, исто така, ги повикува и единиците на локалната самоуправа да преземат поинтензивни активности за овозможување проодност на локалните патишта и улици, како и за отстранување на мразот и на снегот од јавните површини.