Македонија Да се вложат максимални напори изборите да бидат фер и демократски, бара...

Да се вложат максимални напори изборите да бидат фер и демократски, бара „Цивил“

„Цивил“ – Центар за слобода по повод распишувањето на локалните избори, потсетува дека институциите и учесниците во изборната трка мораат до максимум да ги почитуваат демократските стандарди за спроведување слободни избори.

Од досегашното набљудување, од „Цивил“ забележале дека предизборната кампања е почната далеку порано, пред датумот на нивното официјално распишување и оттаму ги потсетуваат политичките партии дека според Изборниот законик, кампањата трае 20 дена пред денот на изборите.

„Повеќепати предупредивме дека општинските ресурси се злоупотребуваат во изборен контекст. Политичката корупција, националистичката реторика, притисоците врз гласачкото тело и низа други појави се нотирани низ целата земја. Овие состојби се особено видливи во медиумите и на социјалните мрежи. Реформите и демократизацијата на земјата се наоѓаат на самиот почеток, така што не може да се очекува од нив да профункционираат за толку кратко време, но мора да се вложат максимални напори и политичка волја на сите засегнати страни, изборниот процес да биде слободен, фер и демократски“, велат од невладината организација.

Од „Цивил“ сметаат дека избирачкиот список останува да биде голем предизвик за ДИК бидејќи јавноста нема доверба во него и потсетија дека за време на парламентарните избори мината година, илјадници граѓани не можеле да го остварат своето гласачко право.