Македонија Синдикалните здруженија бараат да се одложи законот за хонорарците

Синдикалните здруженија бараат да се одложи законот за хонорарците

Итно да се одложи Законот за задолжително социјално и здравствено осигурување е заедничкиот став на потписниците на синдикалната повелба. Синдикалните здруженија ќе побараат прием кај министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Потписниците на повелбата бараат да се одложи примената на овој закон која треба да важи од први јануари следната година.

Исто така, бараат преку засилени  инспекции  на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос. Потписниците на повелбата денеска организираа дебата на која се разговараше за опциите како да се реши проблемот со спорниот закон.

Заклучок на сите учесници е дека овој закон може само да донесе поголеми проблеми.

– Со овој закон работниците ги губат и оние малку права што ги имаат. Работодавците наместо договори за вработување, ќе склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените лица. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата, но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, испратнини за вработените кои ги отпуштаат и друго – велат од потписниците.

Синдикатите разговараа и за можноста законските одредби да бидат оспорени пред Уставен суд, иако не се многу оптимисти.

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права се: Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „Ленка“.