fbpx

Стари адвокатски трошоци и хонорари за Управниот одбор ја преполовија касата на штипски ЈП „Исар“

-

Расправата за покачување на цената на водата за пиење од 5,4 отсто во Советот на општина Штип на површина изнесе апсурдни бројки за направени трошоци и издатоци, кои сега се товар на граѓанскиот џеб, од каде главно се финансира ЈП „Исар“. Новата цена на водата за пиење беше изгласана во отсуство на опозицијата, која пак се спротивстави, барајќи податоци дали новите вработувања ги зголемија трошоците за работа на „Исар“.

Ланската 2020 година, но и оваа 2021 година, граѓаните платија долг стар десетина години на адвокатот Васил Наумов, кој бил ангажиран од ЈП „Исар“ да го застапува на суд. Наумов ги работел предметите, но не наплатил. Нему му биле уплатени 2,3 милиони денари или над 37.000 евра и уште околу 200.000 денари на извршител, кој ги наплатил овие пари преку извршно решение на суд.

Меѓутоа, според директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев, проблемите со адвокатите не застанале тука. Претходното раководство три месеци пред промената на власта во октомври 2017 година, односно во јуни таа година, склучила четиригодишен договор со адвокатот Марјан Михов. Адвокатот добивал по околу 38.000 денари месечен паушал плус премија од тужба. Овој договор бил склучен на четири години, а на ЈП „Исар“ му требале цели три години додека да успее да го раскине.

„Законот е таков што бара положен правосуден испит на правникот кој поднесува тужба. Тоа е причината зошто мора да се ангажира адвокат при тужење за заостанат долг и други дела, за кое се оди на суд. Се обидовме договорно да го раскинеме договорот со адвокатот, но тој не прифаќаше. На крај Управниот одбор одлучи еднострано да го раскине договорот. Но, за тужбите пред суд, моравме пак да ангажираме адвокат, кој нè чини 12.000 денари месечно плус ДДВ“, изјави директорот Тасев.

На седницата на Советот на општина Штип, советникот Јане Миланов застана во одбрана на јавното претпријатие и кажа дека не помали се трошоците кои преку судски решенија се исплатени на поранешни членови на Управниот одбор на „Исар“. Се работи за вкупно 14 поранешни членови на Управниот одбор, на кои не им биле исплатени хонорарите, а кои биле ангажирани пред неколку години. Тужителите – членови на УО, успеале да ги наплатат и ускратените средства, кои не ги добија, откако им беа намалени хонорарите.

„Судот не ја прифати одлуката на новиот Управен одбор за намалување на надоместот за членство. Од сметката на ЈП „Исар“ се повлечени 1,6 милион денари само за поранешниот Управен одбор, кои ги добија парите со камати“, кажа Живко Тасев, директор на ЈП „Исар“.

Со изгласаниот План за работа на ЈП „Исар“, цената на водата секоја година до 2023 година, ќе расте во месец јануари. Притоа, јавното претпријатие треба да инвестира во системот, на што го обврзува овој план, одобрен од општинскиот совет. Опозицијата смета дека на ваков начин ќе се обезбедат средства за вдомување на партиски активисти. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...