Македонија ЦО на СДСМ синоќа избра Извршен одбор на партијата како и повеќе...

ЦО на СДСМ синоќа избра Извршен одбор на партијата како и повеќе секретари

Централниот одбор на СДСМ синоќа на седница избра Извршен одбор на партијата, организационен секретар, секретар за меѓународна соработка и Директор на центарот за истражување и аналитики на Социјалдемократскиот Сојуз.

– Денеска избравме 16 членови на Извршниот одбор од кои што девет се жени. Сакаме да ја испратиме пораката на користењето на еднаквиот капацитет на државата помеѓу мажите и жените, заради тоа што знаеме дека немаме сеуште рамноправна еднаквост, рамноправност помеѓу мажите и жените, вградени и во политичкиот систем на општеството но и во општествениот систем на нашата земја, за да можеме и тој потенцијал максимално да го искористиме. Верувам дека таа порака ќе стигне до многу државни институции, до многу општински институции но и политички партии – рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.

Помеѓу членовите на Извршниот одбор се министрите Драган Тевдовски, Рената Десковска, градоначалниците Петре Шилегов, Стефан Богоев, Благој Бочварски, професорките Фросина Ременска, Тања Стојановска Иванова, Љатифа Шиковска портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов и други.

За Организационен секретар е избран актуелниот директор на ЈП „Водовод и канализација Душко Весковски, за Секретар за меѓународна соработка Дане Талески, за директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ е избран Мартин Попов.

Заев најави уште една седница на Централниот одбор на која ќе се изберат потпретседателите на партијата.