Македонија ЦУК: Осум активни пожари, најтешко е кај Брезница

ЦУК: Осум активни пожари, најтешко е кај Брезница

Најтежок е пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево во Македонски Брод, кој му се заканува на селото Брезница

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Во текот на денот се гаснеле 13 шумски или пожари на отворено, информираше попладнево директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Од нив, активни во моментов се осум пожари, додека пет се изгаснати.

Најтежок, според Ангелов, е пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево во Македонски Брод, кој му се заканува на селото Брезница, иако директорот на ЦУК е убеден дека селото ќе биде одбрането.

„Овде во текот на целиот ден дејствуваат неколку хеликоптери, ефектите од нив се мали, но тука се наоѓа 40-член унгарски тим пожарникари кои даваат голем придонес со поддршка од 50 македонски професионални војници“, вели Ангелов.

Вториот тежок пожар е на територијата на Општина Демир Хисар, на Илинска планина, каде што ситуацијата исто така е тешка, а во гаснењето активно учествува локалното население, локалните пожарникари и претставници од Национални шуми. Сепак, самата вегетација, како што велат од ЦУК, создава чад и го отежнува функционирањето на воздухопловите.

Освен овие пожари, огнени стихии има и во Охрид, над Косел, пожар кој повторно се распламтува. Пожар има и во Богданци, кај месноста Погана и таму се дејствувало со хеликоптери, но поради ветрот морале да се вратат.

Гори и во пробиштипско, кај селото Зелениград, каде сè уште има активни краци. Пожар има и во Гевгелија, а огнот кој се приближува до воен објект, како што информираше Ангелов, го штити војската.