Македонија ЦИВИЛ: Култот кон оружјето е застрашувачки присутен на Балканот

ЦИВИЛ: Култот кон оружјето е застрашувачки присутен на Балканот

Долга е низата на предизвици поврзани со оружјето на Балканот, но тоа мора да биде причина повеќе за итна и сеопфатна акција на национално и регионално ниво.

Фото: Rudy and Peter Skitterians from Pixabay

Центарот за слобода ЦИВИЛ изразува крајна загриженост и сочувство по трагичните настани во Србија, наведено е во нивното соопштение до јавноста. Оттаму потенцираат дека во мирнодопски услови, од огнено оружје во само два дена, во два одделни трагични инциденти, животот го загубија 17, а ранети се 20 лица во Србија.

„Живееме во свет во кој насилството и култот кон оружјето се поттикнати, пред сè, од медиумите и индустријата за филм и видео игри, како и од крајно несоодветните политики за заштита на децата и младите од оваа болест на современото општество. Воедно, не смее да се занемари трагичниот факт дека оруженото насилство е овозможено токму од распространетоста и достапноста на огненото оружје“, наведено е во соопштението на ЦИВИЛ.

Оттаму велат дека е долга низата на предизвици поврзани со оружјето на Балканот, но тоа мора да биде причина повеќе за итна и сеопфатна акција на национално и регионално ниво.

„Политичарите, институциите, медиумите и јавноста мора да престанат да покажуваат со прст кон другите и да ја префрлуваат одговорноста едни на други, туку да почнат со осовременување и спроведување на постојните планови и програми. Повеќе од две децении, ЦИВИЛ речиси секоја година упатува препораки за борба против нелегалното оружје, против култот кон оружјето и контролата на регистрираното оружје. Слични организации во регионот, вклучително и во Србија, се обидуваат да учествуваат во процесите поврзани со контролата на оружјето, што е глобален повеќедецениски напор на меѓународните мрежи во кои се и споменатите организации“, се вели во соопштението.