Свет Балкан Чижов: Русија сака и по проширувањето на ЕУ да ги задржи односите...

Чижов: Русија сака и по проширувањето на ЕУ да ги задржи односите со одредени земји

Рускиот амбасадор при ЕУ, Владимир Чижов, изјави дека Русија нема ништо против проширувањето на ЕУ, но оти Москва сака да биде сигурна дека при проширувањето на Унијата нема да се нарушат нејзините традиционални односи со одредени земји.

– Многу од земјите што сакаат да се приклучат кон ЕУ, без разлика дали се од Западен Балкан или Турција, добро се познати и потврдени трговски и економски партнери на Руската Федерација, така што внимателно следиме што се случува – вели Чижов за бриселскиот портал „Еуроактив“.

Тој повтори дека Русија нема ништо против земјите кои воспоставуваат или промовираат добри односи со Европската Унија.

– Немаме ништо против проширувањето на ЕУ, што е поинакво од проширувањето на НАТО – вели Чижов.
Тој додаде дека во тек е политички дијалог меѓу Москва и Брисел и тоа на експертско ниво за бројни прашања, од борбата против трговијата со наркотици до проширување на ЕУ, каде учествуваат со работна група за Западен Балкан.