Македонија Четири години проневерувале пари од партиципацијата на пациентите

Четири години проневерувале пари од партиципацијата на пациентите

Основното јавно обвинителство од Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од ЈЗИ Здравствен дом Охрид за проневера во службата, со која го оштетиле буџетот на Здравствениот дом за 7.565.302 денари.

„По пријава од Финансиската полиција, надлежниот обвинител утврди постоење на основано сомневање, па почна истражна постапка против осомничените“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Осомничените, во периодот од 2010 до 2014 година, подигале готови средства уплатени на име на партиципација од пациентите. Со тоа, го оштетиле буџетот на ЈЗУ Здравствен дом од Охрид за 7.565.302 денари.
Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд од Охрид поднел и предлог за определување на мерка притвор за двајца од осомничените, а за еден од осомничените мерка куќен притвор.