Македонија Чешкиот министер за надворешни работи во посета на Македонија

Чешкиот министер за надворешни работи во посета на Македонија

Чешкиот министер за надворешни работи, Лубомир Заоралек, денеска пристигнува во работна посета на Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Како што соопшти чешкото МНР, целта на посетата е да се зајакне билатералната соработка на ниво на министри за надворешни работи, лично да се запознае со ситуацијата во однос на мигрантската криза, како и да се разменат ставови за европски и за меѓународни прашања и да се даде поддршка за македонските напори на патот кон европска и трансатлантска интеграција.

Заоралек и Попоски, како што е најавено, ќе имаат изложувања по повод 25-годишнината од основањето на Вишеградската група во ЕУ-инфоцентарот.

Предвидено е Заоралек официјално да ја отвори изложбата поврзана со историјата на соработката на земјите од Вишеградската четворка, на која освен членовите на дипломатскиот кор ќе бидат присутни и претставници од 27-члениот тим на полицијата на Чешка, кои од 4 февруари до 19 март ќе помагаат на македонско-грчката граница во решавање на мигрантската криза.

Во рамки на посетата, тој, заедно со својот домаќин Попоски, ќе се обрати на бизнис-форум што ќе се одржи во МНР.

Чешкиот министер од 8 до 11 февруари се наоѓа на мини-турнеја низ Турција, Македонија и Грција.