Свет Европа Чешка: Бегалците ќе мора да докажат дека немаат заразни болести

Чешка: Бегалците ќе мора да докажат дека немаат заразни болести

Бегалците што ќе ги прими Чешка ќе мора во иднина, при влезот во државата, да докажат дека не боледуваат од заразни болести, а кога ќе добијат азил, ќе им биде одземен ако извршат кривично дело со умисла, се наведува во новиот закон за азил што денеска го усвои сенатот на парламентот на Чешка.

– Владата настојува да ги заштити чешките интереси. Ставот на чешката влада е во согласност со здравиот разум – рече министерот за внатрешни работи, Милан Хованец, за предлог-измените на законот за азил, за кој денеска гласаа 48 од 81 сенатор, колку што има во чешкиот парламент.

Според изменетиот закон, бегалците мораат прво да докажат дека не се болни, за што ќе им биде доволен преглед во Чешка.

Чешкиот парламент така, на мала врата, го протурка законот за азил, во кој внесе ставови за кои во октомври беше критикуван лидерот на конзервативната десница на соседна Полска, Јарослав Качињски, кого тогаш го обвинија за ксенофобија.