Македонија Чавков со телеграма им наредил на УБК и на БЈБ да ја...

Чавков со телеграма им наредил на УБК и на БЈБ да ја спроведат одлуката на Управниот суд

Заменикот-министер за внатрешни работи, Митко Чавков, утрово преку телеграма ги известил директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање дека се должни веднаш да ја спроведат одлуката на Управниот суд, кој вчера привремено ги поништи сите 29 решенија кои еден ден пред Нова година ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пишува „Прес 24“.

„Во тој контекст, задолжени сте веднаш да ја воспоставите претходната состојба во Бирото за јавна безбедност и во Управата за безбедност и контраразузнвање каква што била пред донесувањето на цитираните решенија за именување, разрешување и за распоредување, што вклучително подразбира и примопредавање на работните простории, материјално-техничките средства и документацијата од припадниците на Министерството за внатрешни работи за чии решенија за именување или распоредување е воспоставена судска забрана за преземање дејства сè до правосилноста на одлуката по тужбите поднесени од дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи“, стои во телеграмата.

Вчера на прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека Управниот суд не ги укинал решенијата туку донел само привремена мерка, а тие остануваат на сила сè до моментот кога судот ќе донесе правосилна одлука.

Тој го обвини Чавков дека отворено повикува на непочитување на безбедносниот систем во МВР и дека го прекршил Законот за влада со тоа што ја заобиколил Државната изборна комисија (ДИК) и веднаш ја поднел тужбата до Управниот суд.