Ctrl - Z Царскиот орел не бил застрелан, но бил во лоша состојба: еколозите бараат...

Царскиот орел не бил застрелан, но бил во лоша состојба: еколозите бараат центар за рехабилитација на диви животни

Еколозите посочуваат дека стапката на смртност на младите грабливи птици е многу голема во природата, а кај конкретниот вид само 10 до 20 отсто од сите пролетани млади птици ќе дочекаат возраст за репродукција од три или четири години старост

Фото: Енвиронмент.мк

Царскиот орел спасен од пожарите на Пониква,не бил жртва на огнено оружје и немал скршеници, но бил во лоша здравствена состојба, што го покажува и фактот дека дозволил пожарникарите да го фатат, информираа денеска од Македонското еколошко друштво.

Телото на орелот е на Факултетот за ветеринарна медицина, каде што ќе биде извршена обдукција. Еколозите посочуваат дека стапката на смртност на младите грабливи птици е многу голема во природата, а кај конкретниот вид само 10 до 20 отсто од сите пролетани млади птици ќе дочекаат возраст за репродукција од три или четири години старост. Тие сметаат дека на земјава и недостасува центар за рехабилитација на диви животни, каде што ваквите случаи адекватно ќе се третираат.

Во Македонското еколошко друштво често пристигнуваат дојави за пронајдени повредени диви животни. Нашиот тим многупати досега направил се што може за да им помогне, во рамките на нашите познавања и ресурси, иако тоа е многу поразлично од нашите редовни обврски. За жал, можеме да издвоиме ресурси само за единки кои припаѓаат на исклучително засегнати. Во неколку наврати изминативе години МЕД и Зоолошката градина во Скопје помогнале да закрепнат белоглави мршојадци, штркови и други видови, кои потоа биле успешно вратени во природата, посочуваат од МЕД.

Во отсуство на Центар за рехабилитација на центар за диви животни, Зоолошката градина во Скопје ги има најдобрите услови за закрепнување на ваквите животни, но земјата не е подготвена соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни. За разлика од кај нас, во Бугарија и Грција постојат специјализирани центри за рехабилитација на диви животни.

Кога на Шар Планина беше пронајдено повредено мече, нашиот тим најпрво го згрижи во Скопје, а потоа издејствува и транспорт во Грција, каде што тоа и покрај што беше со неподвижни задни екстремитети, со помош на специјализирана нега живееше уште шест години. Во 2017 година, кога добивме дојава за повредено младо од рис во Кичево, нашиот тим издејствува тоа да биде згрижено во Зоолошката градина во Скопје. И покрај големите напори, тоа беше во премногу лоша состојба и по само една недела угина, велат од МЕД.

Што се однесува до орлите, нивниот опстанок се обезбедува преку нивната долговечност и доколку заканите од околината се мали, популацијата може да се одржува стабилна или да расте, како што тоа беше случај во Македонија до пред неколку години.

За жал, во последниве неколку години кај нас има благо намалување на бројноста, што најверојатно се должи на промените во живеалиштата, намалувањето на изворите на храна, колизиите и струјните удари со енергетската инфраструктура, но првенствено на опасноста од отровни мамки поставени за труење на волци и кучиња. Од МЕД велат дека не е познато како на овие птици делуваат ризиците од пестицидите кои се користат во земјоделството и од конзумирањето на оловни сачми останати во телата на животни кои биле цел на лов.