Економија Бродњак, првиот човек на групацијата НЛБ: Остануваме во Македонија

Бродњак, првиот човек на групацијата НЛБ: Остануваме во Македонија

„НЛБ АД Скопје е најдобрата банка во групацијата НЛБ. Ќе останеме на овој пазар оти веруваме во него“, порача денеска во Скопје Блаж Бродњак, првиот човек на групацијата НЛБ.

Претседателот на управата на НЛБ д.д. Љубљана, на денешниот настан со кој НЛБ АД Скопје ја одбележа 15-годишнината од првото електронското банкарство во Македонија, им додели признанија на компаниите најголеми корисници на нејзините услуги за електронско банкарство и рече дека банката има системска улога во Македонија.

– НЛБ е и ќе остане во Македонија. Имаме системска улога и веруваме во овој пазар. Сме и понатаму ќе бидеме пионер на подобрување на искуствата и ќе работиме на иновирање – рече Бродњак.

Со тоа тој сакаше да стивне некои шпекулации што се многу присутни во јавноста во последните години дека групацијата НЛБ размислува да се повлече од Македонија.

Бродњак рече дека е дојден во Македонија поради средбите на словенечки и на македонски бизнисмени во организација на Амбасадата на Словенија во Македонија.