Oд НЛБ Банка за „Вистиномер“ изјавија дека е лажен и профилот и информацијата за наградната игра. Дополнително за ова имаше и известување на вистинската Фејсбук страницата на НЛБ Банка, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделена невистинита информација за наводна наградна игра на НЛБ Банка. Во постот се вели:
Прославуваме 100 години постоење! – Прочитајте до крај! По повод 100 годишнината од првите 30 што ни се јавуваат, подаруваме (колку што имаш добиваш дупло – ако имаш 3000 на сметка ти даваме, колку имаш. удвојуваме). Се што треба да направите е: Допаѓа, Споделете ја објавата, Испратете порака со вашето име и презиме. Минимумот за удвојување е 3000, а максимумот 500.000 Бидете брзи. Со среќа.
Освен евидентните печатни грешки во објавата и други показатели укажуваат на тоа дека станува збор за невистина, односно за непостоечка наградна игра, која ѝ е атрибуирана на НЛБ Банка.
Еден таков показател е тоа што страницата од која се споделува објавата е нова и креирана пред 8 часови, а во моментот на нашата рецензија единствениот пост којшто е споделен покрај насловната фотографија е оној за наводната наградна игра. Досега постот е споделен повеќе од 30 пати, а од фактот што под него се оставени имиња и презимиња од граѓани, евидентно е дека имало и такви кои поверувале на објавата.
Oд НЛБ Банка за „Вистиномер“ изјавија дека:.
Лажен е и профилот и информацијата.
Официјалната Фејсбук страница на НЛБ Банка може да се погледне на следниот линк и таа содржи стотици објави, има над 70 илјади следачи и редовни тековни информации за активностите на банката. На неа, освен официјалната веб-страница од банката има и долг текст со информации за неа. Откако ќе пристапите на официјалната веб страница на банката во најдолниот десен агол, ќе видите икона со знакчето на Фејсбук која откако ќе ја кликнете, ве води и на Фејсбук страната на НЛБ Банка Скопје.
Фејсбук страницата којашто е линкувана од официјалната веб-страница на НЛБ Банка, не е таа којашто ја споделува невистинитиот пост за наводната наградна игра.
Дополнително, на Фејсбук страницата на НЛБ Банка објавија и известување за лажната наградна игра.
Поради сите горенаведени факти, вклучително и соопштението од НЛБ Банка, како и нивниот демант за „Вистиномер“ – дека „е лажен и профилот и информацијата“, постот го оценуваме како невистинит, пишува „Вистиномер“.