Македонија Бројни интервенции на екипите на Град Скопје по синоќешното невреме

Бројни интервенции на екипите на Град Скопје по синоќешното невреме

„Екипи на Град Скопје, составени од јавните градски претпријатија и Противпожарната бригада на Скопје, во соработка со Центарот за управување со кризи, интервенираа на поголем број локации за отстранување на штетите и препреките предизвикани од невремето и силниот ветар што синоќа дуваше во Скопје и достигна брзина од над 100 километри на час“, соооштија од Градот.

Се додава дека на терен се евидентирани поголем број паднати дрвја, оштетени фасади и конструкции на покриви на поголем број објекти, оштетени билборди и возила. До 12 часот до јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ пристигнале вкупно 72 пријави за паднати дрвја. Екипи од секторот „Дрвореди“ досега интервенирале на 42 локации во сите општини во Скопје, а активностите ќе продолжат до целосното расчистување на теренот.

„Силното невреме предизвика поголемо оштетување и на конструкцијата на покривот на СУГС „Марија Кири-Склодовска“, каде што денеска не се одржува настава и екипи на ЈП „Улици и патишта“ и Противпожарната бригада работат на расчистување на теренот. Оштетување е предизвикано и на објектот на СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“. Согласно со најавите од УХМР и можноста за повторни врнежи на дожд и засилен ветар во текот на денешниот ден, апелираме до граѓаните да го избегнуваат движење по патеки покриени со дрвја, како и да избегнуваат да ги паркираат возилата во близина на дрвја. Екипите на Град Скопје ја следат состојбата на терен и истите се подготвени да интервенираат за санација на штетите предизвикани од евентуално невреме“, соопштија од Градот.