Култура „Браќа Манаки“: Годинава тројца лауреати на Наградата „Златна камера 300“

„Браќа Манаки“: Годинава тројца лауреати на Наградата „Златна камера 300“

Кинематограферите Јаромир Шофр, Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ се лауреатите на Наградата за животно дело – Златна камера 300 на годинешното 36 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Добитниците на наградата денеска ги соопшти новиот директор на Фестивалот, Димитар Николов, кој на прес-конференцијата по тој повод, образложи зошто годинава има токму тројца лауреати.

– Размислувавме да наградиме кинематографер што дал особен придонес во развојот на филмската уметност, а да доаѓа од Централна или Источна Европа. Застанавме на три големи кинематограферски имиња кои дале огромен придонес во развојот на филмската естетика, секој, се разбира, на свој начин и со свој специфичен визуелен јазик. Сите ни беа толку големи и важни, што не можевме да се решиме само за еден. Мислам дека сите тие заслужиле да го понесат највисокото признание на нашиот Фестивал, а она што посебно не израдува е фактот дека сите со воодушевување ја прифатија идејата да бидат годинешни носители на Наградата Златна Камера 300 за животно дело – рече Николов.

Директорот на „Браќа Манаки“ ги претстави и статуетките за наградите во двете нови програми: „Нов европски филм“ и „СЕЕ Камера“. Најдобриот режисер и кинематографер во „Нов европски филм“ ќе ја добијат наградата „Бона Деа“, изработена според оригиналната скулптура пронајдена на Хераклеја, чиј оригинал се наоѓа во Лондон.

Организаторите најавија и богата, дополнителна програма на фестивалот, како мастер-класи и работилници на кои ќе учествуваат и ќе ги одржат членовите на жирито на Фестивалот како и дел од годинешните добитници на главната награда. Мастер-клас ќе одржи и режисерот Милчо Манчевски кој ќе зборува за уметноста и вештината за режирање на кадарот.

Покани да учествуваат на Фестивалот и да бидат дел од програмата биле испратени и до сите македонски филмови кои оваа година треба да излезат со премиери.