Жителите на суданската престолнина Картум, ги разбудија звуците на артилерија и бомбардирање од воени авиони. Интензивните борби продолжуваат веќе трет ден, бројот на загинати се искачи на околу 100, а стотици други се повредени, пренесе Си-Ен-Ен.
Судирите најпрво избиле во саботата меѓу војската и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ), предводени од Мохамед Хамдан Дагало, познат и како Хемедти, кој во неделата изјави дека армијата го прекршила привремениот хуманитарен прекин на огнот со посредство на ОН.
Очевидци во Картум изјавиле за Си-Ен-Ен дека слушнале минофрлачи и артилерија во раните утрински часови, при што борбите се интензивирале по молитвата во зори во правец на меѓународниот аеродром Картум и гарнизоните на суданската армија.
Жителите во населбите источно од аеродромот изјавиле за Си-Ен-Ен дека виделе воени авиони како бомбардираат.
„Видовме експлозии и чад што се издига од улицата Обаид Катим, а веднаш потоа противвоздушната артилерија масовно пукаше кон авионите“, рече еден очевидец.
Жителите на главниот град се без вода и струја. Борбите се најжестоки во главниот град и во Дарфур, на запад.
Судан се обидува да ги организира првите слободни избори после 30 години диктатура. Арапската лига и Африканската унија свикаа вонреден состанок.