Македонија Бојкотот на пратениците, поинтересен од донесувањето закони

Бојкотот на пратениците, поинтересен од донесувањето закони

Извештајот се однесува на известувањето на 10 национални медиуми во кои се спомнуваат пратениците и Собранието

Во период од 1 до 31 октомври, медиумите најчесто го споменувале Собранието во контекст на пошироките политички случувања, враќањето на пратениците на ДПА во Собранието, бојкотот на опозицијата предводена од СДСМ и процедурата за одземање на мандатите на опозициски пратеници. Значително помалку се информирало конкретно за дебатите, за донесувањето на законите и законските измени и за аргументите кои се изнесуваат на седниците.

Ова е резултат од вториот извештај од надгледувањето на медиумското известување за работата на Собранието, кое се одвива во рамките на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“. Проектот е спроведен од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Институтот за Источна и Централна Европа и Балканот (ИЕКОБ).

Извештајот се однесува на известувањето на 10 национални медиуми во кои се спомнуваат пратениците и Собранието, а анализирани се вкупно 103 новинарски текстови и прилози, објавени во весниците и на телевизиите.

Во анализата се вели дека само во 34 проценти од текстовите и од прилозите биле пренесни ставови и на пратениците од власта и на пратениците од опозицијата. Во 44 отсто биле консултирани само припадниците на опозицијата, а во 22 отсто само претставници на партиите од владејачкото мнозинство. Најчести извори биле самите пратеници (50 отсто од случаите), а втор извор се политичките партии со 32 проценти.

Извештајот покажува и дека опаднал бројот на извори кои биле консултирани при изработката на информациите, споредено со претходниот набљудуван период (јуни-септември). Во 46 отсто е консултиран еден извор, во 23 проценти – два, во 15 отсо – три извори. Повеќе од три извори имало во 5 проценти од текстовите и од прилозите, а без извор биле 9 отсто од објавените содржини.

Според истражувањето, медиумите на македонски јазик и весниците значително повеќе известувале за Собранието отколку медиумите на албански јазик и телевизиите.

Во анализата биле опфатени објавени текстови и прилози од дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“, „Вечер“, „Слободен печат“, „Коха“, „Лајм“, и телевизиите „Сител“, „Телма“, „Алсат-М“ и МРТ2 – програма на албански јазик.