Економија Богов ги уверуваше турските инвеститори во стабилноста на економијата

Богов ги уверуваше турските инвеститори во стабилноста на економијата

Гувернерот Димитар Богов ги увери турските инвеститори во стабилноста на економијата, курсот на денарот, амбиентот во кој работат и ги повикa да инвестираат како и досега.

– Народната банка ќе ги зачува макроекономската стабилност, стабилниот курс на денарот и банкарскиот систем. Не треба да се очекува загрозување на курсот на денарот, кој е стабилен и од 1997 година е без промени. Засега нема потреба од менување на поставеноста на монетарната политика – истакна Богов.

Според турските инвеститори, политичката, економската стабилност и безбедноста имаат големо влијание врз одлуките за инвестирање. Затоа денеска и се сретнале со гувернерот Богов, кој одговараше на нивни прашања поврзани со проекциите за економски пораст, сигурноста на депозитите во грчките банки, макроекономската стабилност.

– Кога е загрозена политичката стабилност, следствено на тоа влијание има и на другите два фактори. Тоа беше и причината зошто разговаравме со гувернерот Богов и ова беше прва средба меѓу приватниот и јавниот сектор. Продолжувањата на успесите на македонската економија зависат од решевањето на политичката криза – изјави претседателот на Стопанската комора Македонија-Турција, Туна Ејуп Кахвеџи.

Бизнисменот Ајдован Адемовски истакна дека турските инвеститори нема да се повлечат, тие ќе продолжат со остварување на зацртаните проекти и со остварување на инвестициите. Според Демиров, на Балканот тие се научени на вакви ситуации.

Турските инвеститори истакнаа дека биле загрижени по ситуацијата во Куманово, но веруваат во безбедноста на земјата и изразија желба кризата што побргу да се реши.