Македонија Богоев седна во директорската фотелја во Царина

Богоев седна во директорската фотелја во Царина

На средбата со неговата претходничка, Богоев кажал дека веќе е запознаен со предизвиците, тековните и планираните проекти на институцијата со која ќе раководи

Фото: Царинска управа

Во Царинската управа денеска беше извршено примопредавање на функцијата директор, каде новоназначениот директор Стефан Богоев официјално ја презеде должноста од неговата претходничка Славица Кутиров.

Таа го информираше Богоев за делокругот на работа, како и за тековните и планираните проекти и активности на Царинската управа, а истовремено му посака успех во продолжување на мисијата за заштита на финансиските интереси на државата и општеството, поддржувајќи го економскиот развој преку олеснување на трговијата, меѓународната соработка и понатамошна модернизација на Царината.

Богоев кажал дека веќе е запознаен со предизвиците, тековните и планираните проекти на Царинската управа.

„Тој ја потврди својата заложба за реализирањето на стратешките цели во оваа област, особено постигнувањето на понатамошни успеси со цел да бидеме водечка Царинска управа во регионот која ќе дава силна поддршка на локалната економија и ќе биде усогласена со стандардите на Европската Унија“, информираат во Царина.

Богоев, поранешен градоначалник на Општина Карпош, беше избран за директор на Царинската управа пред два дена, на владина седница, откако Кутиров поднесе оставка од лични причини.