Дописници Богданци – апсолутен шампион меѓу општините што спроведуваат практики за добро владеење

Богданци – апсолутен шампион меѓу општините што спроведуваат практики за добро владеење

Богданци е апсолутен шампион меѓу општините што ги трошат оптимално своите финансии за да спроведат практики за добро владеење, а по неа следат Битола, Карпош, Велес и Град Скопје. На листата многу добро владеани општини се: Струмица, Велес и Илинден.

Охрид, заедно со градовите од Југозападна Македонија, е во третата група на општини, според индексот на добро владеење, покажуваат резултатите на Центарот за истражување и креирање политики.

Индексот на добро владеење – ЛОТОС на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИПК) ги дели општините во пет категории.

Центарот денеска ги соопшти резултатите од првото систематско истражување на доброто владеење на локално ниво „ЛОТОС 2014“, кое се спроведе во рамките на проектот „Размена на најдобрите ЕУ-практики за следење на корупцијата на локално ниво“, финансиран од ЕУ (IPA TAIB National program – Contract number 10-39880/1).
„ЛОТОС 2014“ ја оценува примената на добрите практики на локално ниво во однос на шест принципи на добро владеење: транспарентност, одговорност, отчетност, учество, ефикасност и ефективност. Во истражувањето се користат вкупно 74 индикатори.

Во Охрид, од денеска до 30 април, се одржува Меѓународната конференција на која ќе се разменат искуствата од следење на антикоруптивните практики на локално ниво во Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија и во Словачка.