Македонија Богдановиќ: Седницата на Советот на општина Центар да се одржи пред зградата...

Богдановиќ: Седницата на Советот на општина Центар да се одржи пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ

Најостро ги осудуваме притисоците од партијата на Никола Груевски врз легално и легитимно избраните институции во општина Центар. Власта на Груевски е навикната институциите на системот да постапуваат по партиска директива, изјави на денешната прес-конференција Саша Богдановиќ, претседател на ОО СДСМ Центар.

– Сега кога се отвори прашањето за нелегалноста на зградата на АД „Бетон“, во која треба да биде сместен новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, гледаме дека се прави сè за да се спречат институциите на системот во општина Центар да ги преземат соодветните дејства и мерки. Тоа на Груевски му поминувало кога преку претходните општински власти во Центар стигнувал до милионски парцели на Водно. Како СДСМ и како општинска организација на СДСМ во Центар, ги охрабруваме надлежните институции во општина Центар да постапат според законските овластувања, што, потсетуваме, е нивна обврска. Од партијата ВМРО-ДПМНЕ не слушнавме објаснување: како, за само пет години, ВМРО-ДПМНЕ преку мнозинството во општинскиот совет успеа да го зголеми просторот за партиското седиште во новата зграда од 2.000 на 8.500 квадратни метри и дали издаденото одобрение од Град Скопје за поставување настрешница во рамки на објектот ја покрива градбата на балконот или балконот е изграден на државно земјиште надвор од градежната парцела и истиот тој балкон узурпира земјиште сопственост на Република Македонија? Потсетуваме дека законите во оваа држава мора да важат еднакво за сите – изјави Богдановиќ. Како претседател на ОО СДСМ Центар, тој најави дека во наредниот период ќе се одржи координација со советничката група на СДСМ и коалицијата, на која ќе биде предложено да се разгледа предлогот, седницата на Советот што ја бара ВМРО-ДПМНЕ, да се одржи пред новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

– Сметаме дека е во интерес на нас, жителите на општина Центар, и во интерес на јавноста да се дознаат сите аргументи во врска со нелегалноста на дел од објектот во кој ќе биде сместено новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, јавноста изворно ќе слушне што очекува ВМРО-ДПМНЕ и дали тоа што го очекува е прекршувања на законот и партијата да има тераса на државно земјиште, надвор од градежната парцела?! – рече тој.