Македонија Бочварски: Власта им ги врза рацете на институциите со криминалните тендери

Бочварски: Власта им ги врза рацете на институциите со криминалните тендери

Претседателот на комисијата за транспорт и врски на СДСМ, Благој Бочварски, оцени дека тоа што се случува деновиве поради студот и снегот, е показател за целосната негрижа од досегашната власт за граѓаните. Тој истакна дека власта ги оставила институциите со врзани раце поради криминалните тендер-политики за свои интереси.

– Пријавувате неисчистени патишта. Се случија стотици сообраќајни незгоди, верижни судири, има повредени граѓани, голема материјална штета. Загрозена е безбедноста на граѓаните. Еве зошто е тоа така. Власта во заминување издвојува најмалку средства во регионот за тековно и за зимско одржување на патиштата. Само 3.300 евра по километар! За споредба, Србија издвојува 300 проценти повеќе – 9.000 евра по километар. Босна и Херцеговина, пак, 7.700 евра по километар – изјави Бочварски.

Тој истакна дека институциите немаат соодветна механизација за да ги одржуваат патиштата во зимски услови.

– Снегот се расчистува со 100 проценти застарена механизација! Освен што се стари возилата, јавните претпријатија располагаат со многу мал број возила. Поради тоа ангажираат други приватни фирми, но и тие, според нашите информации, имаат стари и дотраени возила. Ете, затоа на терен ситуацијата е алармантна. Македонија трета недела по ред е во хаос со неисчистени државни патишта и градски улици. Но, уште полошо, со отсечени градови и села. Семејства со денови се оставени без јадење. Бремена жена три километри одеше пеш по снегот до првото родилиште. Ако институциите беа подготвени навреме, ова немаше да се случува – рече Бочварски.