Галерија Близу два тона чорба за Гинис

Близу два тона чорба за Гинис

По четврти пат и годинава во Охрид се подготвуваше рибина чорба за празникот Свети Јован – Крстител, кој таму се празнува и како ден на охридските рибари.

Рибината чорба се подготвуваше во голем казан, специјално донесен од штипското село Сарчиево.

Во подготовката учествуваа професорите и учениците на Средното угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески“. Професорот по готварство, Блаже Јорданоски, објаснува дека и овојпат рецептот е ист како и во изминатите години.

– Има околу 1.300 литри вода, 400 килограми риба, 120 килограми зеленчук. Годинава подготвуваме околу 1.700 литри чорба. Употребивме лосос, но ставивме и малку ослич. Количеството чорба ќе биде доволно за сите – вели Јорданоски.

За оваа традиционална охридска чорба, готвачите се подготвувале два дена, додека донатор на потребните средства беше хотел-ресторанот „Тино“.

– Ни беа потребни два кубни метри дрва за да се запали огнот и да се одржува потребната температура – додава Јорданоски.

Рибината чорба беше благословена од свештеник, а потоа беше поделена на посетителите на манифестацијата, а еден дел беше дистрибуиран до болничките установи, градинката, здруженијата на лица со посебни потреби, како и во домовите на социјално загрозените семејства.

Околу Охридската капетанија, каде што беше и казанот, имаше и тезги на кои се служеше ракија и црвено вино. Манифестацијата ја проследија огромен број посетители, кои уживаа во пријатен амбиент и во македонска музика, а го проследија и чинот на фрлањето на бурињата со вино во езерото.