Дописници Бизнисмени се повлекуваат од инвестирање во ИЗ Жабени крај Битола

Бизнисмени се повлекуваат од инвестирање во ИЗ Жабени крај Битола

Неколкумина бизнисмени, кои имале намера да инвестираат во ИЗ Жабени, ги вратиле парцелите во Општината, потврдува градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Сепак, според него, и натаму зоната е интересна за инвеститорите.

– Морам да го кажам и тоа, дел од оние што зедоа парцели, на коишто не им се исполнија плановите од својот бизнис-аспект, нема да ги направат фабриките. Дел од нив, двајца или тројца, ги вратија парцелите. Но, има нови кои се интересираат, значи тоа е еден жив материјал, кој се движи онака како што ни диктира животот – рече Талески на средбата со новинарите.

Во ИЗ Жабени работи најголемата фабрика со странски капитал „Кромберг и Шуберт“, каде се вработени околу 2.000 работници од пелагонискиот регион.

Што се однесува до инвестициите на просторот на поранешната касарна во Битола, Талески вели дека работите ќе продолжат и оваа година.

– Тоа е еден покрупен проект, кој ќе се наследи и во новата година и таму планираме интензивно да вложуваме. Тоа и сега е едно градилиште, но искрено, во следниот период тоа ќе биде едно навистина големо градилиште. Така што, ќе замолам за малку трпение, бидејќи тоа не ќе може да се направи преку ноќ – вели Талески.

На просторот на поранешната касарна странски и домашни инвеститори засега градат станбени згради.

А.Б.