Дописници Битолчани ги испокршија рацете и колковите на мразот

Битолчани ги испокршија рацете и колковите на мразот

Битолачани ги испокршија рацете и колковите на мразот што ги закова улиците низ градот. Неисчистените тротоари , студот и мразот и оваа зима го наполнија одделот за ортопедија во Клиничката болница во Битола. Повеќе од 20 битолчани се згрижени во последните два дена. Најмногу од нив се со скршени раце, а дури седум со скршени колкови, потврдуваат од болницата.

– Значително е зголемен бројот на пациенти со скршеници во нашата болница во изминатите 48 часа. Најчесто страдаат рацете и колковите. Дури седум паценти имаме со скршени колкови во последните 24 часа -потврдува Јагода Стојановска, портпаролка на Клиничката болница – Битола.

Според неа, операционата сала на ортопедија постојано е зафатена, а со оглед на временските услови, бројот на граѓани со скршеници се очекува уште повеќе да порасне.

– Денска имаме закажано девет операции на ортопедија. Но, и за наредните денови се очекува оваа бројка да се зголеми со оглед на фактот што студот не попушта. Ова е речиси вообичаена слика за овој период од годината кога температурата е значително ниска – вели Стојановска.

Битолчани паметат дека полни болнички кревети на ортопедија имаше во зимата 2011 година кога Битола беше закована со сибирски студ со температура до -30 Целзиусови степени.

А.Б.