Дописници Битолчани бараат расправа во Собранието за загадениот воздух

Битолчани бараат расправа во Собранието за загадениот воздух

Битолските поборници за чист воздух од здружението „За нас се работи“, бараат собраниската расправа за загадениот воздух во земјава. Во барањето доставено до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, координаторите на пратеничките групи и до собраниската Комисија за животна средина, бараат расправа за влијанието на термоелектраните врз животната средина во земјава.

– Барањето го испративме пред Нова година и сè уште немаме одговор од Вељаноски за тоа дали ќе отвори расправа за ова чувствително прашање, кое нè засегнува сите нас. Сега, пак, го потсетивме зашто нашето здравје и квалитетот на нашиот живот зависат од тоа во каква животна средина живееме – вели Горан Пинза од „За нас се работи“.

Од здружението апелираат да се забрза проектот ветен од власта за топлификација на трите пелагониски општини, Битола, Новаци и Могила, преку РЕК Битола, со што би се намалило загадувањето на воздухот во градот.

Од здружението уште еднаш ја потсетуваат Општината дека јавно вети анализа на воздухот во градот и дека оправдувањето за пропаднати тендери нема да биде прифатено сè додека битолчани не добијат јасен одговор за тоа кои се главните загадувачи на воздухот во градот.

А.Б.