Дописници Битола подготвена да ги пречека играорците од светот на фестивалот„Илинденски денови“

Битола подготвена да ги пречека играорците од светот на фестивалот„Илинденски денови“

Битола е подготвена за најновото издание на државниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола- 2015 кој годинава слави 45 години. Фестивалот кој го негува македонскиот и интернационален фолклор почнува на 29 јули и ќе трае се до 1 август.

Годинава на фестивалот покрај фолклорни групи од повеќе градови во Макдеонија ќе настапуваат фолклористи и од Хрватска, Италија, Канада, Романија и Србија. Се очекува во народни носии низ Битола да продефилираат над 1.000 учесници од 30-тина ансамбли, кои ја негуваат традиционалната музика и игра.

– Ова е најстариот фестивал во Битола и еден од најстарите во Македонија што само по себе ја докажува неговата улога и значење во македонската култура. Основната специфика на фестивалот повторно ја задржуваме како дел од концептот, исто така и сите продружни манифестации се тука- рече директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски, домаќин на фестивалот.

Фестивалот ќе се реализира на повеќе локации во градот, ракометното игралиште, Офицерскиот дом како и амфитеатарот во Хераклеа. Фолклорните групи ќе имаат свои настапи и во старата битолска чаршија и на Широк сокак.

За накрај како кулминација на ова јубилејно издание се најавува концертот кој ќе претставува своевиден спектакл „Шербет Љубојна„ специјалниот настан со 15-тина музичари на сцената, чии носители се групата Љубојна и виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски.

Фестивалот „Илинденски денови“ годинава е поддржан од Собранието на Македонија, Министерството за култура и Општина Битола.