Свет Балкан Белград: Седум повредени при судир на два трамваи

Белград: Седум повредени при судир на два трамваи

Седум лица се повредени откако два трамваи утринава се судрија во Нов Белград, јавуваат српските медиуми.

Повредените се пренесени во белградскиот ургентен центар, а 47-годишниот возач на трамвајот добил повреди на главата и амнезија.

Несреќата е случила кога еден од трамваите не запрел навремено и удрил во трамвајот пред себе.

– Трамвајот напред стоеше на семафор, веројатно за да пропушти пешак и тогаш настана судирот. Станува збор за човечки фактор. Човечка глупост поради која ќе следат откази, повторно како и во претходните случаи – рече Живко Милковиќ, генералниот директор на белградскиот Градски сообраќаен превоз.

Поради судирот, трамвајскиот сообраќај еден час бил во прекин.