Економија Бектеши: Во вторник ќе се замрзне на цената на лебот на 33...

Бектеши: Во вторник ќе се замрзне на цената на лебот на 33 денари

Статистичките податоци покажуваат дека во јануари 2023 година, во споредба со декември 2022 година, продолжиле да растат индексите на трошоците на живот и тоа кај месото за 0,6 отсто, а за идентичен процент поскапеле и лебот и житата

Фото: César Alberto Victora Díaz from Pixabay

Владата во вторник ќе донесе одлука за замрзнување на цената на лебот, по што белиот и полубелиот леб нема да смее да се продава по цена од над 33 денари. Ова ќе биде само прв чекор, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените. Се прават анализи за тестенините и тие средства ќе се користат за укинување на некои давачки“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Мерката за замрзнување на цените владата ќе ја презема откако анализата на Министерството за економија покажала дека кај голем дел од компаниите од прехранбената индустрија кои користеле субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, немало намалување на цените на основните прехранбени производи.

Поради тоа, Министерството за економија испратило предлог-одлука до Владата за укинување на мерката за субвенционирана електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија. Мерката се однесува на компаниите кои произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи и други прехранбени продукти.

Инаку, податоците на Државниот завод за статистика од јануари 2023 година покажаа дека инфлацијата во споредба со истиот месец лани се зголемила за 17,1 проценти, а покрај раст на трошоците за живот, забележано е и зголемување на цените на мало од 13,3 отсто.

Она што дополнително загрижува е што во јануари 2023 година, во споредба со декември 2022 година, продолжиле да растат индексите на трошоците на живот и тоа кај месото за 0,6 отсто, а за идентичен процент поскапеле и лебот и житата, додека цените на рибата и морските плодови за еден месец се зголемиле за 1,6 отсто.