Економија Бектеши: Инфлацијата се намалува, од четврток нема веќе замрзнати цени

Бектеши: Инфлацијата се намалува, од четврток нема веќе замрзнати цени

Бектеши истакна дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки

Фото: Image by Marco Pomella from Pixabay

Од четврток нема да има производи со замрзнати цени. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека нема да ја продолжи мерката, чија важност завршува в среда, 31 мај.

„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто“, рече Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац.

Бектеши истакна дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

„Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори“, рече Бектеши.

Владата во последниве месеци ги замрзна цените на лебот, тестенините, јајцата, оризот, на дел од зеленчукот, овошјето, дел од хигиенските производи и од млечните продукти.